Мени

Невработеноста ги разочарува младите образовани кадри

20.07.2012 08:37 | KumanovoNews

Во Македонија 32% од популацијата се без работа, а дури 55% од младите мака мачат за да добијат шанса за вработување и да покажат што знаат и умеат. Оваа појава е присутна и во Куманово.

Невработеноста ги разочарува младите образовани кадри

На оваа тема истражувања се правени од повеќе странски фондации при што анкетираните граѓани кажале дека дури и по 10 или 20 години од завршување на студии не нашле работа. Упорните конкурираат постојано, но овие обиди завршуваат без успех.

Последнава година упорно барам работа, гледам огласи, праќам цв, ама ништо досега. Ни на разговор не ме повикале. Јас лично сум разочарана. Можеби луѓето се веќе вработени и само формално пуштаат оглас. Да се дојде до вработување треба роднинска врска - вели граѓанка од Куманово.

Сузана Китановиќ, по 27 години работа, сега е невработена и вели дека последниве осум години упорно се распрашува за работа, но заради возраста нема шанси. Според неа и младите се во многу незавидна положба бидејќи квалитетот не се цени туку работа се добива по партиска линија. Китановиќ смета дека богатите луѓе кои имаат контакти во деловниот свет многу полесно се снаоѓаат.

Ограничување има во поглед на струките. Спектарот на работни места кои овде се нудат е посиромашен од понудата која ја има во главниот град. Во градов еден доктор на науки и 16 магистри се без работа. Тие влегуваат во она евиденција за 26.739 невработени во Куманово. Посериозни агенции кои се занимаваат со посредување при работа скоро и да нема. Многу кумановци излезот од лошата финансиска состојба го бараат во ризични подрачја како Ирак и Авганистан каде добиваат суми кои овде ќе ги заработат за осум месеци или година, доколку најдат работа.