Никој не признава дека ги затворил вентилите
Двете претпријатија, ЈП „Водовод„ и Водостопанство „Кумановски-липковско поле„, меѓусебно се обвинуваат и не признаваат кој ги затворил вентилите за вода.
Куманово од синоќа остана без вода за пиење затоа што биле затворени вентилите на водоснабдителниот систем на Липковските акумаулации. Двете претпријатија, ЈП „Водовод„ и Водостопанство „Кумановски-липковско поле„, кои стопанисуваат со водата во градот меѓусебно се обвинуваат и не признаваат кој ги затворил вентилите за дотур на вода.
Прекинот на дотур на вода од Липково беше извршен од Водостопанство Кумановско-поле. Синоќа околу 22 часот дојде до целосно прекинување на испорака на водата од Липковската брана до филтер станицата. Ние немаме можност да ги затвораме вентилите и затоа се неосновани обвинувањата на Водостопанство дека ние менипулираме со граѓаните- изјави Виктор Божиновски, директор на ЈП „Водовод„.
Директорот на Водостопанство го тврди спротивното, за него единствен виновник за целата состојба со водоснабувањето е Водовод.
Одговорно тврдам дека Водостопанство испорачува 220 литри во секунда вода по главниот вод што е во надлежност на „Водовод„.Ние сторивме се за да дојде до покачување на нивото на водата во Липковската брана, и никој од нас не смее да си игра со граѓаните. Одговорноста за снабдувањето на градот паѓа исклучиво на Водовод- вели директорот Филип Филиповски.
Во решавање на проблемот се вклучи и градоначалникот и советниците. Тие одржаа итен состанок на кој се бараше решение на проблемот.
Се наоѓаме во една пат позиција, бидејќи Водостопанство тврди дека испорачува вода, а Водовод вели дека не добива вода.Главна тема на денешниот состанок е граѓаните да добијат вода,а двете претпријатијата да воспостават соработка и да најдат начин да си ги решат проблемите околу цената на водата и плаќањето- вели градоначалникот Зоран Дамјановски.
По започнувањето на состанокот, околу пладне водата беше пуштена, откако градоначалникот се јавил на министерот за транспорт и врски.
И додека раководствата на двете претпријатија се надмудруваат, граѓаните се гневни бидејќи секоја година се заложници на политичките игри на централната и локалната власт.