Новата давачка го враќа во живот „Водовод„
Опозицијата на денешната седница ја искритикува работата на директорот на Јавното претпријатие „Водовод„ и побара негова смена поради лошиот извештај за финансиско работење во третиот квартал од годината.
Јавното претпријатие „Водовод„ со години наназад работи катастрофално и прави загуби. Тоа го потврдува и денешниот извештај, во кој се гледа дека за првите 9 месеци претпријатието направило долг од 29 милиони денари. Само за месеците јули, август и септември загубата е 1.3 милиони денари. И покрај тоа што градоначалникот го штити директорот и стои зад ваквиот начин на неговата работа, од извештајот се гледа дека состојбата е многу лоша. Затоа сметам дека директорот треба да си замине од претпријатието, а да са назначи нов, кој ќе има капацитет да го води претпријатието- рече Бобан Николовски, координатот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Бранејќи го извештајот пред советниците, директорот Виктор Божиновски смета дека опозицијата прави политички маркетинг и покрај тоа што добро ги знае причините за состојбата во „Водовод„.
Опозицијата по сите извештаи на „Водовод„ има исти прашања и заблешки, на кои, сто пати сме дале одговор зошто е таква состојбата. А тоа се големите трошоци што ги имаме за работата на Пречистителната станица. Со наплатата на новата такса за пречистување на отпадни води, само за октомври е зголемен приходот за 1,9 милиони денари, што само за еден месец ја покрива целата загуба за третото тромесечие, и ја надминува загубата за 700.000 денари. Уште од првиот месец на новата ставка се гледаат резултати за јавното претпријатие. Јас сметам дека до средината на 2012 година претпријатието ќе застане на здрави нозе- тврди директорот Божиновски.