Новинарите ќе избираат ново раководство
Членовите на Здружението на новинарите на Македонија утре ќе бираат ново раководство на редовното изборно собрание закажано за во 10 часот во хала 5 на Скопски саем.
Ќе се изберат нов претседател на ЗНМ, Управен и Надзорен одбор и Совет на честа.
На изборното собрание ќе присуствуваат и членовите од Куманово. За новинарите од регионалните центри, ЗНМ обезбеди бесплатен превоз. Тргнувањето на автобусот е во 8.30 часот од центарот на градот, пред поранешна цвеќара. Сите членови на ЗНМ и оние новинари кои сакаат да гласаат можат да се зачленат пред почетокот на изборното собрание- информираат од Регионалната канцеларија на ЗНМ КУманово.
Новинарите што ќе сакаат да се зачленат в сабота ќе треба со себе да понесат лична карта, потврда за работен однос од медиумот во кој работат, лична биографија, две фотографии и 150 денари за членарина до крајот на годината. Деталите за зачленувањето и кој се' може да биде член може да се добијат на веб-страницата на ЗНМ - www.znm.org.mk.
Официјални кандидати за претседател на ЗНМ се Мира Костиќ од Македонско радио,Насер Селмани од Вест и Назим Рашити ББС.
Регионалниот центар Куманово вчера го посети кандидатот Насер Селмани и ја претстави својата изборна програма пред кумановските новинари.