Мени

Одговорност за игнорирање на македонското знаме

03.02.2010 16:18 | KumanovoNews

 Градоначалникот Зоран Дамјановски ќе побара одговорност од организаторите на прославата што вчера не  поставија државно знаме при пуштањето во употреба на средното економско училиште на албански јазик „Перо Наков„ во кругот на касарната „Христија Карпош„ во населбата Бедиње.

Одговорност за игнорирање на македонското знаме

 - Од нашата позиција како локална власт се дистанцираме од ваквата злоупотреба и силно кршење на законите за употреба на знамињата. Ние ќе се обидеме преку директорот на училиштето  да го лоцираме виновникот и тој адекватно да биде санкциониран. Мене ми е жал што еден мултиетнички град, каде немаше вакви проблеми ни за време на конфликтот во 2001 година, сега  поединци на примитивен начин  да ги игнорираат државните обележја и да ги навредуваат националните чувства на граѓаните на Куманово - изјави градоначалникот Дамјановски.

  Мумин Бислими, еден од организаторите на манифестација тврди дека е направен  ненамерен пропуст во организацијата  и дека тоа ќе биде поука во иднина да не се повтори грешката.

- Тие што ги гледаат работите од тој агол, можеби се оптоварени со политика. Јас ви кажувам дека тоа е обичен пропуст. Ако ние не бевме благодарни кон луѓето што беа ангажирани во отварањето на новото училиште, немаше ни да ги поканиме на прославата - вели  Бислими.

  Проблемот со државните обележја настана на вчерашната прослава кога во дворот на некогашната касарна, на сите страни беа развиорено знамиња на Република Албанија,а немаше ни едно државно и општинско знаме, ниту превод на македонски јазик. Ова предизвика револт кај гостите Македонци, а претседателот на Советот на Општината ја напушти прославата.