Опаѓа бројот на заразени од овчи сипаници
Месецов се регистрирани 14 деца заболени од овчи сипаници, а во јуни годинава имало 78 деца заразени со варичела.
Секоја година во овој период бројот на евидентирани случаи се намалува бидејќи распустот трае, децата се дома, не се мешаат многу за да можат едни на други да ја пренесат болеста.
Преку блиски контакти и бакнување децата се заразуваат. Исто може и преку допирање на површини да се пренесе болеста, но многу поретко. Заразната болест ја пријавуваат кај нас матичните лекари и ние податоците ги сумираме. Од октомври бројот на заболени расте, а сега опаѓа. Ги покриваме Кратово, Крива Паланка, Липково и Старо Нагоричане каде има многу помалку случаи. Во Куманово во новите населби каде има млади луѓе се јавуваат овчи сипаници - вели Предраг Георгиевски, специјалист епидемиолог во Центарот за јавно здравје.
Овчите сипаници се јавуваат кај децата од школска и предшколска возраст. Симптоми кои укажуваат дека се работи за оваа болест се чешање и промени на кожата. Едипдемилозите велат дека оваа болест сама од себе поминува и сериозни компликации скоро и да нема. За да не дојде до поголеми иритации лекарите советуваат кожата да не се чеша.
Болеста се развива и ќе се угаси сама. На кожата избиваат различни по форма пликови кои личат и се распоредени како ѕвездено небо. Треба да се мирува. Лани ние сме имале и до 123 деца заболени. Овчите сипаници се втора заразна болест која е најприсутна во Македонија и најчесто се јавува - додава Георгиевски.
Кај нас вакцина против овчи сипаници не се прима бидејќи надлежните институции калкулирале дали е поевтино да се лекува болеста или да се превенира.