Мени

Отстранети тезгите на дивите пазарџии кај Зелен пазар

01.10.2014 08:24 | KumanovoNews

Полицијата и инспекциските служби утрово ги остранија импровизираните тезги на дивите пазарџии пред влезот на Зелен пазар.

Отстранети тезгите на дивите пазарџии кај Зелен пазар

Отстранети се тезгите на триесетина нелегални продавачи кои со години го узурпираа тротоарот на булевар „Трета МУБ“ и продаваа зеленчук и овошје. Од секторот за инспекциски надзор во општина Куманово велат дека и понатаму ќе има контроли за да трајно се сузбие нелојалната конкуренција.

Многу сум среќна што ова можеме да го расчистиме не само заради самите пазарџии, туку и за безбедноста во сообраќајот. Секако дека ќе продолжиме. Наидовме на разбирање од пазарџиите, им беше укажано. Веќе две недели ги предупредуваме што ќе правиме, не работиме насилно. Мислам дека успешно ќе биде завршена оваа акција. Како што знаете со струмичани се справивме кај Спортска сала и таму секојдневно имаме контроли и надзор и овдека исто ќе продолжиме. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите - изјави Верче Лазаревска, раководител на сектор за инспекциски надзор во општина Куманово.

Трговците кои внатре во пазарот имаат закупено тезги се задоволни што е расчистен  хаосот од пред Зелен пазар.

Законот треба да го почитуваме сите. Ние плаќаме секој месец по 3000 денари, а тие да продаваат на улица. Ќе им пречат на пешаците и на автомобилите. Ова е добро и така да продолжи, да не биде привремено. Да се оди до крај, да нема толеранција - рече Абнор Асани, трговец.

Проблемот со дислокација на дивите пазарџии трае пет години и е решен во содејство на повеќе институции.