Oтворeна изложбата “Фото Салон Куманово 2012“
Во Уметничката галерија во Куманово викендов беше отворена традиционалната изложба на уметничка фотографија “Фото Салон Куманово 2012“.
На изложбата се претставени 120 најдобри фотографии на автори од 61 земја и сите континенти.
Презадоволни сме од поставката и целокупната работа го даде посакуваниот резултат. Жирито имаше тешка задача. Оваа изложба од година во година го подига квалитетот. Пристигнаа дури 7000 фотографии. Жирито во состав Душко Јовановски, Марјан Јаневски и Раша Милоевиќ од Србија направија поставка од 120 фотографии кои граѓаните можат да ги видат - вели Владимир Јовановски, претседател на ФКК“Козјак“.
Златен медал за фотографија на тема живот доби Емра Салих, член на ФКК“Козјак“. Таа е дипломиран професор по англиски јазик, има 25 години, а веќе 8 години се занимава со фотографија. Имала самостојна изложба во 2008 година. Две години членува во ФКК“Козјак“. Вели дека преку овој клуб почнала своите уметнички фотографии да ги испраќа на изложби и да добива награди.
Мојата фотографија е направена во Сараево. Кога сакав да прошетам, да видам делови од Балканот, отидов во делот каде што била Турската империја. Во Баш чаршија има многу стара џамија. Таму видов туристи. Ме инспирираше тоа што едниот од нив се молеше, друг човек читаше книга, а малото дете наивно и нежно набљудуваше. Тоа е знак дека не треба да се гледа религијата како нешто лошо. Сите сме едно, луѓе. Религијата не е ништо лошо, туку е нежност како што покажува и самата фотографија - рече Салих.
Награди на изложбата беа доделени и на Глигор Максимовски и Биљана Божиновска. За својата работа ФКК“Козјак“ доби признанија од многу светски федерации.