Отворена изложбата на Живојин Трајановиќ
Во Уметничката галерија синоќа беше отворена изложбата на Живојин Трајановиќ по повод 40 години сценографско творештво.
Изложбата го претставува досегашниот опус на авторот, претставен во вид на скици. Поставката е поделена на драмски, балетски, со акцент на оперскиот дел, бидејќи Трајановиќ речиси целиот работен век го поминал како сценограф во Македонската опера и балет.
Уште од основно образование имал афинитет кон ликовната уметност, а по дипломирањето на Филозофскиот факултет во Белград, остек историја на уметност, а потоа и на Академијата за применета уметност во Софија започнува со работа.
По работата во кумановскиот театар бев во телевизија и токму тој дел ме повлече кон оперските и балетските претстави до самото пензионирање - кажа Трајановиќ.
За творештвото на Трајановиќ говореше критичарот Владимир Величковски кој вели дека преку сценографијата се воспоставува првиот контакт со публиката.
Очигледно е дека има ангажиран однос, творечки однос, креативен, она што подразбира многу работа, вложување на знаења, практични и есететски - вели критичарот.
Изложбата ја реализира Музеј Куманово во соработка со Дирекција за култура и уметност од Скопје.