Мени

Овци се продаваат кај Градскиот стадион

24.10.2012 10:38 | KumanovoNews

 Пред муслиманскиот празник Курбан Бајрам, кај Градскиот стадион се продаваат овци и јагниња. Трговците се жалат дека продажбата оди многу тешко, а едно јагне чини од 40 до 60 евра зависно од големината.

Овци се продаваат кај Градскиот стадион

Сточарите од околните села велат дека веќе три дена тука го продаваат добиток, бидејќи не можат да чекаат да дојде сабота за да одат на Сточен пазар. Додаваат дека инспекциите имаат разбирање за нив бидејќи е празник и никој не ги брка од локациите каде што продаваат.

Има трговци на две - три места во градот. Продажбата за разлика од лани за 90 отсто е намалена. Луѓето немаат пари, криза е. Јас имам продадено 53 овци, ми остануваат уште 25 што треба да ги продадам. Цената е за 30 отсто намалена од лани - изјави Елмир Ајрули, трговец од село Черкезе.

И утре рано наутро трговците ќе продаваат овци на истото место. Купувачите се жалат дека цените сепак се високи.

 Кој има пари ефтино е, а кој нема, многу е скапо. Не мора секој да купи. Ако некој не купи, тогаш роднините, комшиите, тие што купиле ќе му дадат бидејќи тоа месо не е само за едно семејство, се дели и на сиромашните - објаснува Бурхан Алити од Куманово.

На овој импровизиран пазар има стотина сточари кои со камиони донеле добиток за продавање. Граѓаните кои живејат во тој дел на градот реагираат што во центарот на градот се продава добиток и сметаат дека надлежните служби треба да си ја вршат својата работа кога не се почитуваат правилата од урбаното живеење.