Пензионерите се информираа за правата на осигурениците
Кумановските пензионерите денеска во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, се информираа за правата од осигурувањето и за заштита на нивното здравје и најчестите хронични болести.
На работилницата организирана од Фондот за здравствено осигурување и Сојуз на пензионери на Македонија, стручен лекарски тим одговараше на прашања на пензионерите.
Имаме две теми и тоа е општо запознавање на пензионерите со правата од здравственото осигурување и втората тема е за здравјето. Превенцијата од трите хронични заболувања: кардиоваскуларните, дијабетесот и бубрежните заболувања. Со мене е претставник од правниот сектор и претставник кој е лекар. Оваа соработка ќе ја продолжиме се додека пензионерите имаат потреба - кажа Маја Парнаџиева Змејкова, директорка на ФЗОМ.
Пензионерите рекоа дека грижата за здравјето е многу важна во третата доба од животот.
Оваа работилница што се организира со заедничка соработка ја поздравивме, со намера дека ваквите работилници многу ќе помогнат во едукација на нашите пензионери за остварување на нивните права, она што го предвидува ФЗОМ за подобрување на здравјето на пензионерите - изјави Спирко Николовски, претседател на Здружение на пензионери Куманово.
Работилницата во Куманово е 19 - та по ред која фондот ја реализира годинава во поголемите градови низ Македонија. Следната година проектот “ФЗОМ поблиску до пензионерите“ ќе се прошири и работилници ќе има во сите градови во државата.