Пензионерите се разиграа во Куманово
Освен домаќините, пензионерите од фолклорно - уметничкото друштво “Ѓоко Симоновски“ од Куманово, на десетата по ред ревија на игри, ора и песни учествуваа скопските, паланечките и кратовските пензионери.
На сцената се слушнаа звуци на гајда, се играше паланечка тројка, кумановски чочек, се пееја “Брала мома капини“, “Ожени се , зароби се“ и многу други песни од кои дел беа на кумановски дијалект. Со пензионерите од Аеродром настапи Виданка Георгиева, изведувач на народни песни. Организаторите од Здружението на пензионери Куманово, можат да се пофалат со тоа што втор пат се домаќини на оваа манифестација. Во 2004 година град Куманово беше домаќин на ваква ревија. Тие објаснуваат дека нивното фолклорно друштво има стотина членови и 190 реализирани настапи.
Покрај во Македонија, нашето друштво има настапувано и надвор, во Софија два коцерта, во Варна во Бугарија исто така, Врање, Лепосавич на Северно Косово, Зрењанин, Ѓаково, Љубљана, и во Поградец и Тирана во Албанија. Тоа се незаборавни моменти. Ние служиме за репер за македонските пензионери, им помагаме времето да го искористат квалитетно - рече Спирко Николовски, претседател на Здружение на пензионери Куманово.
Драги Аргировски, претседателот на Сојузот на пензионери на Македонија вели дека ова е убав начин пензионерите преку различни секции да го афирмираат фолколорот.
Фолклорот е наш национален идентитет. Ова е соживот, дружење кое треба да го негуваме. Оваа година во светски рамки е прогласена за година на активно стареење и меѓугенерациска соработка - кажа Аргировски.
Минатата година ревијата на песни и ора се оддржа во Крива Паланка.
Дојдовме четворица свирачи и шеснаесет луѓе играорци. Ќе се претставиме со песни и две ора. Ние сме активни последниве две години, но не сме од рангот на здруженија како кумановското - објаснува Данчо Стефановски, пензионер од Крива Паланка.
Наскоро кумановското здружение на пензионери ќе издаде и Монографија со поддршка на локалната самоуправа, односно секторот за култура. Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека пензионерите учествуваат во Кумановско културно лето, организираат активности пред Нова година и го збогатуваат културното живеење на градот.
Пораката беше здравје и долг живот за овие активисти кои го оплеменија овој дел од својот живот, по завршување на работната активност. Голема благодарност бидејќи помагаат за културниот живот на Куманово - изјави Дамјановски.
Здружението на пензионери Куманово е едно до најбројните и најактивните во Македонија.