“Перо Наков“ слави патронат
Средното економско училиште “Перо Наков“ денеска прослави 67 години постоење.
Патронатот го прослави со културно-уметничка програма,модна ревија, музички точки и краток драмски дел за матурантите.
Директорот Момчило Антевски во својот говор истакна дека од годинава имаат два нови профили во училиштето, дизајнер на облека и банкарски техничар.
- Драги ученици, колеги и колешки од минатиот патронат до денес работевме на наша промоција. Ќе се оствари нашата мисија бидејќи имаме визија, да го подобриме квалитетот на наставата и стручноста на наставниците, да градиме трајни знаења - рече Антевски.
При тоа ги наброја успесите на учениците како што е второ место во ракомет на општинско ниво, прво место на општински натпревар за ракомет, прво место во женски фудбал, прво место на маскенбал и други. Учениците од текстилната струка подготвија модна ревија.
- Се подготвуваме месец дена. Учениците сами креираа, сами шиеа, и направија модели за децата од градинката “Бубамара“ кои денеска ни се гости. Оваа година акцент ставивме на свечен црн фустан. Учествуваат 12 манекенки од нашето училиште - изјави Фросина Николовска, професор по економски предмети.
Директорот размени подароци со гостите од збратимените училишта од Романија и Србија.
По повод патронатот имаше натпревар во математика и литературен конкурс. Ова училиште постои повеќе од шест децении. На прославата имаше гости од локалната самоуправа и бизнис секторот.
Во училиштето учат 1700 ученици.