Почна и се одложи судењето на обвинетиот за смртта на голманот Милошевски
Во Основниот суд Куманово, денеска иако беше закажано не започна судењето против обвинетиот Живко Бојковски од Куманово, возачот на џипот кој ја предизвика сообраќајната несреќа во која животот го загуби познатиот голман и директор на фудбалската репрезентација Петар Милошевски од Скопје,пренесува Вест.
Првото рочиште се одложи затоа што обвинетиот Бојковски не бил уредно поканет, а бранителот на семејството Милошевски побарал презакажување на процесот затоа што имал седница на Совет за случајот "Ровер", во кој е обвинет Љубе Бошкоски.
Наредното судење е закажано за 6 јули.Денеска во судницата присуствуваше само јавната обвинителка и полномошник на бранителот на оштетениот.
За почетокот на судењето долго се чекаше поради сообраќајно-техничкото вештачење.
Сообраќајката се случи лани на 12 март, кога на магистралниот пат Куманово - Крива Паланка се судри службеното "пежо" на ФФМ, кое го управувал Илчо Ѓ. (43) од Скопје, со џип кој го возел Живко Б. (62) од спротивната насока. Од ударот "пежото", во кое Милошевски бил совозач, излетало од коловозот и се превртело. Од здобиените повреди Милошевски починал на самото место.
Критичната вечер Милошевски и останатите негови сопатници биле на вечера во еден кумановски ресторан, откако учествувале на хуманитарен фудбалски натпревар во спортската сала Куманово.