Мени

Почнаа уписите во средните училишта

17.06.2010 08:15 | KumanovoNews

 Денеска и утре ќе се одржи првото пријавување на учениците во средно образование во јунскиот уписен рок.

Почнаа уписите во средните училишта

 Во четирите средни училишта во Куманово, полуматурантите ќе можат да конкурираат за вкупно 2544 слободни места во 76 паралелки на македонски, албански и српски јазик.

Според Јавниот конкурс, кој го објави Министерството за образование во гимназијата “Гоце Делчев” ќе се запишат 816 ученици во 24 паралелки. Од тоа 374 ученици во 11 паралелки со настава на македонски јазик, 408 ученици  во 12 паралелки со настава на албански јазик и 34 ученици во 1 паралелка со настава на српски јазик.

Во земјоделското училиште “Киро Бурназ” ќе се запишат 442 ученици во 13 паралелки од кои 306 ученици во 9 паралелки со настава на македонски јазик и 136 ученици  во 4 паралелки со настава на албански јазик.

Средното општинско училиште “Перо Наков” во прва година има место за 680 ученици во 20 паралелки и тоа 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик и 340 ученици во 10 паралелки со настава на албански јазик.

Техничкото училиште “Наце Буѓони” во прва година ќе запише 606 ученици во 19 паралелки од кои 286 ученици во 9 паралелки со настава на македонски јазик и 320 ученици  во 10 паралелки со настава на албански јазик.

Во Куманово оваа година основно образование завршија 1453 осмооделенци, плус учениците од Старо Нагоричане и Липково.

Резултатите од првото пријавување, како и слободните места ќе се објават на 21 јуни.

 „Квалификационото тестирање ќе се организира на 24 јуни 2010 година, а резултатите ќе се објават на 25 јуни 2010 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште“, соопштуваат од министерството за образование.

 Јунскиот уписен рок на учениците ќе се биде на 29 и 30 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 1 јули 2010  година.

 Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок ќе биде на 19 август 2010 година, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 20 август 2010 година.

 Училиштата кои во двата уписни рока не ги потполниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс продолжуваат со запишување на учениците до 31 август 2010 година.