Поети ги посетија старите лица во „Зафир Сајто“
По повод Неделата за грижа на стари лица, поетите од Друштво на писатели Куманово, организираа литературно читање во домот за стари лица “Зафир Сајто“.
- Постарите лица со големо внимание не слушаа и со аплаузи не поздравија. Да не биде монотоно поканивме и музичари од Здружение на пензионери и приредивме прекрасно дружење - вели Божана Трајковска, претседател на Здружение на пензионери.
Таа најави дека за 8 март планираат да организираат уште едно поетско читање.
- Многу сум задоволна, многу ми се допадна дружбата, поезијата и музиката. Треба почесто да има вакви средби бидејќи луѓето се осамени. Секој сака да биде весел, и од читање и од песни - рече Ане Митрева, пензионер од “Зафир Сајто“.
Поетската средба е направена на иницијатива на Друштво на писатели Куманово, кое последнава година е многу активно.