Мени

Потребни ли се градинки во селата?

21.07.2012 09:14 | KumanovoNews

На ниво на Македонија жените фармерки бараат во селата да се отвараат градинки. Објаснуваат дека се зафатени со работа, а децата не се безбедни дома покрај земјоделска механизација и го пропуштаат едукативниот дел бидејќи не се посетуваат градинка.

Потребни ли се градинки во селата?

Кумановските жени фармерки се со поделени мислења на оваа тема. Оние чии деца се поголеми сметаат дека услови и потреба за отварање на градинки во село нема. Додаваат дека жените кои се вработени, а се бројат на прсти и онака децата ги носат во градинките во Куманово.

 Жените фармерки имаат голема фамилија, па свекор, свекрва и ќе се најде некој да ги чува децата. Обврските тие си ги делат. Во цело село Тромеѓа дали шест жени носат деца во градинка. Моите се големи , па можеби затоа така размислувам - вели Гордана Здравковска.

Во село Режановце има повеќе млади жени кои работат и децата ги оставаат во градинка. Слаѓана Бошковска, фармерка од ова село, од една страна е скептична,  но вели дека во поголемите села градинка може да функционира.

Земјоделците сите се дома, и обично се наоѓа некој да ги чува децата. За шест деца не може да се отвори градинка, ама ако има повеќе, зошто да не , предлогот би бил добар. За развиено село градинка треба да има - додава Бошковска.

Оливера Кузевска од село Пчиња присуствувала на предавање во Скопје на кое се зборувало за градинки во рурална средина. Вели дека идејата е добра, но треба да се седне со останатите жени фармерки од селото и да им се објасни кои се поволностите.

Имаше од Уницеф луѓе и кажаа дека е поднесено барање до Владата, а во септември ќе се решава што понатаму. Добро би било на неколку часа да има жените каде да ги остават децата. Вака замолуваат баби, стрини, тетки. Плус едукација ќе добиваат децата. Би било многу убаво и ние сме заинтересирани. Има тука повеќе села, не е само едно - рече Кузевска.

Во кумановско има над 20 жени фармерки, од кои повеќето млади фармерки живеат и работат во село Пчиња.