Презентирани можностите на ИПАРД програмата
Претставници на мали, микро и средни претпријатија и поединци денеска имаа можност да се запознаа со ИПАРД програмата на организираниот Инфо- ден што се одржа во Куманово.
Повик за ИПАРД ќе биде објавен до крајот на месецов, а програмата нуди неповратни средства за широка лепеза на дејности. Преку ИПАРД може да се добијат 50 или 65 отсто од парите потребни за одредена инвестиција и започнување на бизнис.
Опфатот на сите дејности е премногу голем. ИПАРД програмата практично има три мерки, мерка 101 која се однесува на примарно земјоделство, 103 која ја опфаќа преработувачката индустрија, мерка 302 која е исклучиво за руралните средини. Имаме мерки за неземјоделска дејност, отварање на фризерници, детски градинки, старечки домови итн. Принципот на кофинансирање за мерките 103 и 302 е до 50 отсто, а за 101 стига и до 65 отсто доколку станува збор за млад фармер и планинско подрачје над 700 метри надморска височина - изјави Игор Трашански, советник за програмирање и проценка на ИПАРД во Министерство за земјоделство.
Дел од присутните признаа дека досега не аплицирале за средства од ИПАРД, бидејќи не знаеле кои критериуми треба да ги исполнуваат.
Досега не сме користеле сретства од овие фондови, но се надевам дека по оваа презентација ќе имаме поголема претстава за програмата. Досега не ги исполнувавме критериуми, тие беа строги и некои работи не ни беа јасни - кажа Мендух Нухија, претседател на здружение “Агро култура“ од Липково.
Оние кои ќе аплицираат за средства од ИПАРД ќе имаат 45 дена на располагање за да достават барање, бизнис план, проект и други потребни документи.