Продолжува наставата во училиштата во Куманово
Училиштата и градинките од утре ќе продолжат со работа, соопштија од општина Куманово по одржана седница на кризен штаб.
Од локалната самоуправа велат дека се создадени услови за нормализирање на образовниот процес.
Со донесоа определени заклучоци во однос на нормализирање на состојбата и се даде препорака да дадеме известување до Советот на општина Куманово, дека веќе се направени услови за започнување на работа на самите основни и средни училишта, како и на работа на градинките. Воедно сакам да ве известам дека добивме согласност од Министерството за образование за неработни денови 11 и 12 мај. Децата на 13 мај ќе почнат со работа, како и градинките - изјави Валентина Алексовска, секретар во општина Куманово.
Алексовска објасни дека е формирана комисија за проценка на штета од Владата, во која има и членови од општината и таа комисија ќе излезе на терен да изврши проценка. Втората комисија формирана од членовите на кризниот штаб ќе излезе на терен за да ги утврди потребите на граѓаните кои се јавиле во кол центарот, по што ќе се дели помош.
Центарот за јавно здравје Куманово ќе изврши дератизација во населба Тоде Мендол и ќе преземе мерки во рамки на своите надлежности.