Проекти за надминување на траумите од вооружените дејствија
Ќе се реализираат проекти за надминување на траумите од вооружените дејствија во Куманово и градење на соживот.
Ова денеска го вети Лујза Винтон, претставник на УНДП и постојан координатор на Обединети нации во Македонија при посетата на општина Куманово. Градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски ја информираше Винтон за последните немили настани во градот.
Состојбата е таква каква што ја знаете, многу настапи, посета од многу значајни меѓународни фактори . Денеска имаме посведочен пријател на граѓаните на Куманово, и претставник на УНДП, Лујза Винтон и кој ако не ОН во вакви тешки времиња. Згора на тоа ние сме членка на градови носители на мир. Тоа е организација формирана под покровителство на определени сектори на ОН - кажа Дамјановски.
Винтон објасни дека како и досега ќе прават проекти за надминување на траумите доживеани од вооружените дејствија, а акцент ќе биде ставен на малите деца и лицата со посебни потреби.
Сакаме да покажеме човечко сочувство за она низ што минаа граѓаните и за оние кои загинаа, и да покажеме солидарност. Куманово секогаш сме го гледале како партнерски град каде добрите односи меѓу заедниците се развиваат и напредуваат. Имаме големо, силно, цврсто партнерство со Куманово - изјави Винтон.
Градоначалникот попладнево во општинските простории ќе се сретне и со српската амбасадорка во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ со која ќе разговараат за вооружените дејствија кои викендов се случија во Куманово.