Мени

Прогласени најдобар полицаец и пожарникар

28.12.2011 14:09 | KumanovoNews

Бранислав Спасиќ, полицаец во Полициската станица од општа надлежност при СВР Куманово и Марјан Гелевски, пожарникар од Територијалната противпожарна единица-Куманово се прогласени за најдобри професионалци, кои дале придонес во безбедноста на градот во 2011 година.

Прогласени најдобар полицаец и пожарникар

На Спасиќ и Гелевски денеска им беа поделени рачни часовници од градоначалникот на општината Зоран Дамјановски.

"Се чувствувам пресреќен и се надевам дека и во наредните две години, колку што ми остана до пензионирањето ќе постигнам значајни резултати во работењето, и ќе бидам почитуван од граѓаните на Куманово. Јас 27 години сум полицаец и ова ми е втора награда, првата ја добив во 1989 година, кога истотака бев прогласен за најдобар полицаец -рече Спасиќ.

Најдобриот пожарникар Гелевски се заблагодари на неговите претпоставени, колегите и на градоначалникот за укажаната доверба да ја понесе оваа значајната награда.

" За мене наградата значи гордост, почит и поголема мотивација за во иднина. Ова ќе биде потик и за младите колеги, кои треба да се вработат како професионалци и да се докажуваат за доброто на локалната самоуправа. Сметам дека нашата професија треба да добие подобар третман во модернизација на опремата и обука на кадрите"- вели Гелевски.

Во името на граѓаните и локалната самоуправа на наградените им се заблагодари градоначалникот Дамјановски.