Промовиран туристички водич за Куманово и Велес
Ученици од средните технички училишта “Наце Буѓони“ од Куманово и\n “Коле Неделковски“ од Велес изработија туристички водич со \nзнаменитостите на градовите во кои живеат.
Во водичот се наоѓаат фотографии и текстови за позначајните локалитети во кумановско, како што се: црквата Свети Никола во Куманово, Свети Ѓорѓи од Старо Нагоричане, кумановската џамија, спомен костурницата Зебарњак, Занаетчискиот дом, салата Соколана, локалитет Визијанус, мегалитската опсерваторија Кокино, Меморијален центар АСНОМ во Пелинце и други места.
“Опфатено е природното и културното наследство на Куманово и религиските објекти, бањите како природно наследство. Целта е преку запознавање на културното наследство учениците да се запознаат, да се дружат и да видат дека имаат слични интереси. Го правевме водичот со ученици од прва година, со Македонци, Албанци, Срби, Роми и треба да сфатиме дека она што го имаме е заедничко и ни припаѓа на сите. Многу важен момент е нашите споменици да ги чувствуваме како свои“ - вели Славица Караникиќ, одговорна за изработка на туристичкиот водич.
Туристичкиот водич е отпечатен на македонски, англиски и албански јазик. Туристичкиот проект е реализиран во рамки на проектот за меѓуетничка интеграција во образование.