Пуштен во употреба терен за боќање во Куманово
На Градскиот кеј денеска беше пуштен во употреба терен за боќање, кој воедно е прв ваков терен во Македонија.
Изграден е со средства на Заедница на Хрвати на Македонија и спонзори, на локација обезбедена од општина Куманово. На теренот за боќање напролет ќе има натпревари и граѓаните ќе можат бесплатно да спортуваат.
Не само за кумановци, за сите Хрвати во Македонија ќе значи многу затоа што боќање во Хрватска има вековна традиција. Се гордееме што нашиот огранок во Куманово е прв. Иницијатива пред неколку години тргна во Тетово, но имаат некои проблеми и за жал терени немаме. Од тука ќе почне, а ние од другите градови ќе им одиме на гости во Куманово и Тетово. Се надевам дека догодина нема да биде само една, туку ќе има две стази за боќање - изјави Снежана Тројачанец, задолжена за координирање на ограноци во Заедница на Хрвати на Македонија.
На отварањето се обрати градоначалникот, Зоран Дамјановски кој кажа дека ова е еден скромен придонес за хрватската заедница во Македонија и ја пофали Хрватска дека ги поддржува тамошните македонски здруженија.
Најновиот потег што Хрватска го даде на МПЦ за изградба на црква, ние овие денови ќе дадеме дозвола за изградба на катедрала во овој град. На тој начин покажуваме граѓански пристап, Балкан без граници и се она што е интегративна Европа - кажа Дамјановски.
На отварањето беше кажано дека во Хрватска функционираат скоро 400 клубови за боќање каде спортуваат над 5000 луѓе.
На свеченоста присуствуваа советници од Советот на општина Куманово, претставници на јавни претпријатија, граѓани, гости од Тетово и други.