Ракометарите еуфорично пречекани на Табановце
Неколку стотици кумановци, денеска во 13.30 часот ги пречекаа македонските ракометари на граничниот премин Табановце.Со музика и скандирање, граѓаните им оддадоа признание на ракометарите за одличната игра и пласманот во баражот за Олимпијадата во Лондон.
„Излези момче право на тераса„... ечеше на преминот додека од автобусот излегуваа репрезентативците за да се поздрават со навивачите. При тоа им заблагодарија за поддршката што им ја даваа во сите натпревари на европското првенство.
Направивме историски успех, успех не само на ракометот туку на целиот спорт во Македонија. Го направивме со ваша голема поддршка и се надевам дека во иднина ќе продолжиме така. Сакам да ви се заблагодарам од мое лично име и од името на моите колеги за големата поддршка што ни ја дадовте. Се надевам дека ќе продолжиме со ист ритам во април. Се уште не ја знаеме групата за квалификацискиот турнир за Олимписките игри, но се надевам дека со поддршка на нашата фаланга заедно ќе стигнеме до Лондон, рече капитенот на македонската репрезентација Кире Лазаров.
Селекторот Звонко Шундовски истакна дека никој нема таква публика и дека покажавме на цела Европа како се навива.
Сите ни симнуваат капа. Горд сум на момците што го оставија срцето на терен и на оваа публика што не бодри секаде каде што играме, рече Шундовски.
Од Табановце конвојот со автобуси со ракометарите и навивачите замина за Скопје.