Распишан конкурс за Ноемвриска награда
Општина Куманово распиша конкурс за доделување на \nнајвисокото општинско признание, наградата „11 Ноември„, за посебни достигнувања во одделни области.
Предлозите треба да се достават до Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија најдоцна до 31 октомври.
„По повод Денот на ослободување, општина Куманово и оваа година ќе ја додели традиционалната “Ноемвриска награда”. Делото, односно постигнувањата да бидат достапни на јавноста до 11 октомври годинава, а авторот на делото да е жител на општината Куманово, организацијата или заедницата да е од општината Куманово, односно делото и постигнувањата да се тематски врзани за општината Куманово. Право на предлагање на кандидати за Ноемвриска награда на општината Куманово имаат претпријатијата, установите, здруженијата, месните заедници, група граѓани и поединци“ - информираат од општина Куманово.
“Ноемвриска награда“ се доделува на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија и заедници чии резултати во работењето претставуваат посебно остварување во областите на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен и повеќегодишен период.
Минатата година Комисијата не ја додели Ноемвриската награда затоа што сметаше дека нема квалитетни пријави.