Родителите бараат дислокација на Центарот за зависници
По вторпат протестираа родителите на децата кои учат во ОУ“Кочо Рацин“ и градинката “Пчелка“ во населба „Гоце Делчев„ и побараа да се дислоцира Центарот за зависници.
Тие со 1000 потписи и петиција до Министерството за здравство, Општа болница Куманово и Општината Куманово бараат да се пресели установата каде наркозависници примаат метадонска терапија, бидејќи е загрозена безбедноста на нивните деца.
Ако не се реши проблемот во догледно време ќе се договориме да не ги пуштаме децата на училиште. Неможе секој ден да стрепиме дали децата ќе налетаат на некој агресивен наркоман, како се дрогира пред нивните очи. Пред извесно време децата нашле игла и шприцеви и се играле со нив. Треба ли некое од нив да се зарази, па дури тогаш надлежните да се освестат како можеле да стават ваква амбуланта во населено место - велат револтирано родителите.
Луѓето кои живеат во близина не се чуствуваат безбедни. Велат дека секојдневно ги среќаваат нарко зависниците и се плашат дека можат да ги нападнат и ограбат.
Треба ли да одам во амбуланта, треба ли да пазарам нешто. И во подрум ми е страв да слезам. Баш минатиот пат слегов, вратата ми беше отворена и ме фати страв, тука ни се пред врата - рече Лоза Давитковска, жител на населба Гоце Делчев.
Советникот Виктор Цветковски даде поддршка на протестот, бидејќи живее во истата населба.
Факт е дека овој центар мора да постои. Општина Куманово има потреба од ваков центар. За жал тоа е голема бројка на зависници. Установите мора да најдат начин да биде дислоциран од ова место. Се разговараше во советот, имаше разговори со директорот на болницата. Тој се заложи да обезбеди одобрение од Министерството за здравство и да најде начин како овој центар да се дислоцира. Овој центар е под Министерство за здравство и тие треба да најдат решение - објаснува Цветковски.
Директорот на болницата , Латиф Арифи вели дека овој проблем ќе се решава наповисоко ниво, а тие се должни да ги заштитат интересите на пациентите. Тој спомена дека добил петиција од нарко зависниците кои имаат барање спротивно од родителите.