Се крадат и препродаваат дрва за огрев
За една година на територијата на Куманово и Липково, шумската полиција поднела 63 прекршочни и 7 кривични пријави за кражби на дрва .
Лани на дрвокрадците им се одземени 1.564.12 метри кубни огревно дрво и трупци 232.89 метри кубни. Бројките покажуваат дека дрва масовно се крадат во кумановскиот крај.
Од надлежното министерство велат дека месното население нанесува најголема штета на шумите со кражбите и непланското сечење. За разлика од кумановско, во кривопаланечко и кратовско бројот на евидентирани кражби е многу помал. На крадците им се одземаат моторните возила со кои го направиле прекршокот.
Дрвната маса се користи за продажба. Преку продажбата прекршителите лесно доаѓаат до заработка. Меѓутоа еден дел е за лични потреби т.е. се користи за огрев.
Граѓаните добро се запознаени со делот во Законот за шуми кој се однесува на приватните кории. Според овој закон и тие што имаат приватни шуми за да вршат сеча мора да направат ознака за сеча и потоа се врши истата. Оваа регулатива е пропишана со закон, без разлика дали се работи за општествена шума или приватна, мора да се изврши дознака за сеча. Во член 67 од Законот за шуми е детално опишано на кој начин може да се добие одобрение за сеча во приватна сопственост - велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од ресорното министерство велат дека грешки се случуваат , но граѓаните се свесни што е противзаконско, бидејќи шумската полиција и Државниот инспекторат за шумство и ловство на терен работат 13 години.