Се пали имотот на Житомел нема кој да го заштити
Денеска напладне се запалија магацинските простории на поранешната фабрика за леб и бели пецива Житомел. Во пожарот гореше ламперијата и дел од инсталацијата во напуштениот објект.
Од Територијлната единица Куманово, велат дека пожарот кај нив бил пријавен во 12 часот, по што интервенирале со едно возило и пет пожарникари. По половина час огнот е ставен под контрола. Не е направена голема материјална штета, бидејќи просториите се празни. Причините за пожарот не се познати, но се претпоставува дека го предизвикале бездомници, кои се собираат во напуштените згради.
Имотот на Житомел постепено исчезнува. Се што беше вредно во фабриката е украдено или уништено, па сега објектите станаа мета на пиромани. Ова е шесто палење на имотот на Житомел, откако државата го остави без заштита. Досега, неколку пати гореше управната зграда и архивата, кровот на млинот и гаражата.