Секој трет дијабетичар со бубрежна болест
Во Центарот за дијабетес во Општа болница Куманово денеска се оддржа предавање, на кое беше истакнато дека кај болните од дијабетес постои голем ризик од појава хронична бубрежна болест.
За да спречи оваа појава, лекарите препорачуваат дијабетичарите редовно да го контролираат шеќерот во крвта и крвниот притисок, да се движат и да внимаваат на исхраната. Ова особено важи за постарата популација и за оние со поголема телесна тежина.
Болните може да немаат симптоми, па затоа се препорачува еднаш годишно да се прави преглед на бубрезите. Наша цел е да ги едуцираме дијабетичарите за да не се јават компликации. Околу 2000 од нашите членови се на инсулин. На сите ќе им поделиме брошури, а ќе го проверат и шеќерот во крвта - рече Драган Гачевиќ, претседател на Здружение на дијабетичари Куманово.
Аврам Ванковски, претседателот на Сојузот на дијабетичари вели дека 30 проценти од дијабетичарите имаат проблеми со бубрезите. Тој додава дека 37.000 луѓе во Македонија примаат инсулин.
Со терапија децата можат нормално да се развиваат и да станат успешни луѓе, во сите области. Можноста за појава на дијабетес е поголема, но дијагностиката е многу поедноставна. Постојат повеќе причини, а најизразена е неправилната исхрана, јадење на брза храна, таложење на маснотии и психичката состојба влијаат за појава на дијабетес - изјави Ванковски.
Вработените во Центарот за дијабетес имаат регистрирано 5609 болни од дијабетес, од кои над 1800 примаат терапија. Пациентите имаат апаратчиња и сами си го мерат шекерот во крвта. Хроничната бубрежна болест се развива во пет стадиуми, а во првите три фази пациентот не е свесен дека има некакво бубрежно оштетување. Кога болеста ќе напредне пациентите чувствуваат малаксаност, немаат апетит, им се повраќа и имаат одредени промени на кожата.