Слепите бараат семафори со звучна сигнализација
Над 120 слепи лица и лица со оштетен вид во Куманово денеска го одбележуваат 15 октомври - Светски ден на белиот стап.
Овие луѓе со сериозен инвалидитет, секојдневно се соочуваат со многу проблеми, а еден од нив е и тоа што во градот нема звучна сообраќајна сигнализација за слепите лица.
“Во сообраќајниот хаос во Куманово тешко се снаоѓаат слепите. Затоа имаме потреба од семафори со звучна сигнализација на неколку места во центарот на градот, ама да постават барем еден кај Зелениот пазар. Јас не знам под чија ингеренција е тоа но многу ни е неопходно. Засега има такви семафори само во Скопје и мислам во Битола, а во другите градови сигурно нема„ - рече Рагми Арифи, претседател на Здружение на слепи Куманово.
Од Здружението се жалат дека нивните членови се главно невработени, а на прсти можат да се избројат оние кои одат на работа. Претседателот Арифи веќе 28 години е масер на физикална терапија во Општа болница Куманово, но тој е еден од ретките кои имале среќа да добие вработување.
“Околу 2- 3 отсто од слепите и луѓето со оштетен вид се вработени. Нема разбирање од луѓето кои водат бизнис во приватниот сектор. Тие не знаат дека и слепиот човек е работоспособен и може да врши одредени работи. Треба да се актуелизира оваа тема повеќе, за да сфатат дека и ние можеме да придонесеме за општеството.- објаснува Арифи.
Лицата со оштетен вид претежно се школуваат за физиотерапевти, масери, а некогаш често работеле и како телефонисти. Сега централите се исфрлени од употреба и вработените останале без работа.