Сопствениците требало да ја отстранат куќата на „Ленинова“
По уривањето на куќата на улица “Ленинова“, од секторот за урбанизам во општина Куманово одговараат дека сопствениците биле известени и ветиле дека во најкус рок ќе ја отстранат куќата на свој трошок.
Дотрајанатa куќа е сопственост на граѓанин кој живее во Куманoво и уште двајца луѓе, од кои едниот е во Босна, а другиот живее во Хрватска. За таа цел се чекало елаборат за уривање, но куќата се сруши пред да биде отстранета согласно законските прописи и процедури.
Од страна на сопственикот до секторот е доставено писмено известување, дека тој на сопствена сметка ќе го отстрани и заштити објектот, за да не биде опасен за граѓаните и автомобилите кои се движат. Во писмено известување ни е доставено дека елаборат за отстранување се изготвува, дека ќе биде доставен во најкраток можен рок. Јас разговарав и со проектантот, се договоривме да биде тоа што побрзо, но до ден денешен истиот не е доставен. По тој основ немавме можност да постапиме и добив информација од сопственикот дека до крајот на денешниот ден, тој ќе биде доставен“ - изјави Лидија Ланг Спасовска, раководител на сектор за урбанизам во општина Куманово.
Од секторот за урбанизам го задолжиле сопственикот да го обезбеди и огради објектот. Од општината велат дека сопствениците на старите куќи се несовесни, не се расположени за соработка и затоа во иднина ќе преземат построги мерки против нив.
За направената штета, Ланг Спасовска вели дека во судска постапка согласно Законот за градба, ќе се утврди одговорноста и кој треба да ја надомести штетата.