Средношколците сепак ќе учат од фотокопии
Во средните училишта фалат дел од потребни учебници, па затоа средношколците ќе мора да фотокопираат, да користат скрипти и стара литература.
Овој проблем е најизразен кај стручните училишта. Тие за општообразовните предмети учебници имаат, а на ниво на држава фалат 1400 стручни наслови.
Во прва година бројот на стручни предмети е мал. Учебници доволно нема за повисокиот степен на образование, за трета и четврта година. Ако сакаат да научат децата ќе се снајдат. Имаат компјутери и од интернет има информации - велат од средните стручни училишта.
Гимназијалците објаснуваат дека работни листови не се обврзани да купуваат. Нив им фалат учебници за странски јазик.
Книги по италијански јазик ни требаат 60, а има добиено само 15 примероци. Останатите ќе треба да фотокопираме. Трошок е , ама мора од нешто да се учи. Со другите предмети нема никакви проблеми - велат гимназијалците од прва година.
Горан Јовановиќ, директор на средното земјоделско училиште “Киро Бурназ“ вели дека немаат доволно учебници за руски, германски и француски јазик.
Проблеми има со недоволен број учебници по биологија. Од стручните за секој профил фалат по четири или пет учебници. За вкупно осум профили колку што имаме во нашето училиште ни фалат 40 наслови - додава Јовановиќ.
И претходните години се случувало дистрибуцијата на учебниците да доцни или учениците воопшто да не ги добијат дел од неопходните учебници.