Старо Нагоричане во проект за толеранција во спортот
Општината Старо Нагоричане е една од шесте општини, која е вклучена во проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов.
Носители на проектот кој има за цел промоција на спортот како општествена активност, преку која со забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност, може да се зацврстат меѓуетничките односи се Здружението за развојни иницијативи геостратешки институт „Глобал“ и општините Старо Нагоричане, Тетово, Прилеп, Центар, Врапчиште и Шуто Оризари.
Во општините во наредните три месеци ќе се организираат еднодневни фудбалско-младински хепенинзи кои ќе опфатат најголем дел од етничките заедници во Македонија.
Претседателот во своето обраќање по потпишување на Меморандумот рече дека големо задоволство и чест е да се биде покровител на активностите за реализација на проектот. Иванов е уверен дека преку предвидените содржини ќе се придонесе за зачувување и зацврстување на вековните традиции на соживот меѓу етничките заедници.
Претседателот на Геостратешкиот институт „Глобал“ Иван Анастасовски истакна дека сета филозофија, сите наши мисли, добри намери и активности се содржани во насловот на акцијата во која нема ништо нејасно и непознато.
Тој информираше дека активностите ќе се одвиваат во неработни денови, претежно саботи на локации во општините домаќини на настаните. Спортскиот дел содржи фудбалска активност, односно тренинг и демонстрација на вештини низ кои децата ќе се дружат, а на крајот од денот сите заедно, преку неформално дружење ќе посетат и ќе се запознаат со една локална знаменитост која е препознатлива за општината-домаќин.
На потпишувањето присуствуваа и градоначалниците на општините од каде ќе почне проектот. Тие се согласија дека преку спортот се создава голема можност за подобрување на меѓуетничкиот соживот кај децата.