Мени

Странски новинари биле приведени во кумановската полиција

12.05.2015 08:54 | KumanovoNews

Француската новинарка Јулија Друел и холандскиот новинар Марсел ван дер Стен, вчера биле приведени во Куманово од страна на македонската полиција, извести порталот „Л куриер де Балкан“.

Странски новинари биле приведени во кумановската полиција

Тие биле приведени во 14 часот, по пристигнувањето во Куманово. Новинарите биле однесени во Полициската станица во Куманово , затоа што немале акредитација издадена од македонските власти.

Според Јулија, полицијата сакала да ги натера да потпишат изјава дека не послушале наредба да не влегуваат во забранета зона во Куманово. Новинарката објаснува дека таква наредба немало и двајцата новинари влегле во просторот ограничен со жолта лента во присуство на полицаец кој бил на должност.

Во Полициската станица, новинарите ги посетиле претставници на ОБСЕ. Тие воедно биле во контакт со амбасадите на Франција и Холандија и Министерството за надворешни работи на Македонија. Двајцата новинари одбиле да ја потпишат изјавата.

Во 21 часот биле однесени пред суд, а еден час подоцна, биле пуштени без да им бидат поднесени пријави.