Мени

Свечена седница за Денот на борецот

08.10.2014 13:50 | KumanovoNews

Сојузот на борци Куманово денеска одржа свечена седница по повод престојниот празник 11 октомври - Ден на народното востание и Ден на борецот.

Свечена седница за Денот на борецот

По интонирање на државната химна, со едноминутно молчење им беше оддадена почит на загинатите за слобода, а беше прочитана и порака за мир. Присутните ги поздрави секретарот на општина Куманово, Валентина Алексовска .

 “Особена чест ми е да ви се обратам на оваа свечена седница по повод 73 години од народното востание. Почетокот на вооруженото востание против фашистичкиот окупатор на 11 октомври претставуваше решителен чекор кон конечно ослободување. Македонскиот народ се вклучува во антифашистичка борба со цел конечна победа. Денеска не можеме да не им оддадеме признание на нашите претходници, некои од нив се присутни. Претходниците во духот на времето се ставија во служба на својот народ“ - изјави Алексовска.

Борците велат дека денешните генерации не треба да го заборават нивниот придонес за слобода и истиот треба соодветно да се слави.

“Овој датум е многу важен за нас и така треба да остане. Некои не не признаваат, а ние сите сме се бореле. Јас бев само 15 и пол години кога бев во партизани. На ослободување на Велес бев ранета во двете нозе и еве инвалид сум. Пола Македонија ја поминав пеш. Денешните генерации да ја вардат слободата затоа што без слобода ништо нема“ - вели Драга Стојановиќ, борец од НОБ.

Благе Јакимовски, секретар на Сојуз на борци Куманово говореше за формирањето на првите партизански одреди, Карадачкиот со 15 и Козјачкиот со 23 борци кои поради недоволното искуството и слабото вооружување биле разбиени од непријателите.

Тој рече дека фашизмот бил најмрачно зло на 20 - от век, а денес Куманово и Македонија треба да се стремат кон Европа.