Мени

Свети Трифун се празнуваше во „Киро Бурназ“

14.02.2015 11:57 | KumanovoNews

Во Земјоделското училиште „Киро Бурназ“ денеска се празнува Свети Трифун, заштитникот на лозарите.

Свети Трифун се празнуваше во „Киро Бурназ“

Свештеник од Кумановско - осоговска епархија сечеше колач и го освети лозјето, а учениците говореа за делата на Свети Трифун, кој имал моќ да им помага на болните и немоќните. По повод празникот градоначалникот Зоран Дамјановски го закрои лозјето во училиштето, со надеж дека лозарството во Македонија и кумановско ќе се развива.

Се надевам дека овие традиции кои ги практикуваме му даваат верба на народот во православието, а второ ги поттикнуваме луѓето да се занимаваат со една продуктивна дејност, а тоа е лозарството. Македонија на тој план има доста голем бренд во Европа. Мислам дека иднината на Македонија е токму во оваа гранка, со отварање на нови винарии, да се отвори перспектива за економски развој и усовршување на оваа гранка. Село Четирце уште во првите учебници по географија во Југославија се спомнува како подрачје погодно за винова лоза - рече Дамјановски.

Директорката Весна Трајковска потсети дека во училиштето имаат 2 декари лозјет, кое им служи за практична настава на учениците.

Овој мал лозов насад е исклучиво за опитни цели. Засадена е сортата шардоне, што значи дека не е некоја погодна  сорта за овие услови, но ја засадивме за да видиме како ќе успее. Доста е млад овој насад, засаден е пред 7-8 години. Добро е учениците да видат како се закројува, одгледува, заштитува винова лоза и на кој начин се бере - изјави Трајковска.

Професорот Сашо Стефановски кој предава стручни предмети во училиштето вели дека годинава ќе биде родна за лозјето.

Мразот на почеток направи малку штета, но по дождливите периоди и сончевите денови се надеваме дека годината ќе биде родна. Се надеваме дека и во лето ќе има дождови - вели Стефановски.

Во „Киро Бурназ“ има засадено различни сорти на винови лози за едукација и практична настава на учениците од земјоделско ветеринарните струки, каде се образуваат повеќе од 200 ученици од прва до четврта година.