СВР: Да не се вози брзо и под дејство на алкохол
Од СВР Куманово апелираат граѓаните за Првомајските празници да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не претеруваат со конзумирање алкохол и да не возат брзо.
Посебно внимание да се обрне на малолетниците кои ќе управуваат возила, да поседуваат соодветна возачка дозвола.
Првенствено да се внимава во делот на брзината која е пропишана и зависно од условите на патот. Да не се вози под дејство на алкохол, како и да се почитуваат и останатите правила кои ги предвидуваат законските одредби. Особено да се внимава на малолетните лица, кои можат да земат возила од своите родители, а при користење на моторцикли да се има соодветна возачка категорија и секако соодветна возраст за управување на такво моторно патничко возило - вели Виолета Богдановска, раководител на отсек за превенција.
Онаму каде ќе има поголеми собири на луѓе, да не се нарушува јавниот ред и мир и да не се прават нереди. Граѓаните кога ќе заминат на излетничките места, соодветно да го заштитат личниот имот и вредните предмети дома.