Техничкото училиште „Наце Буѓони“ слави патронат
Денеска средното Техничко училиште “Наце Буѓони“ одбележува 52 години постоење. Вработени во училиштето, градоначалникот и претставници од општината положија свежо цвеќе пред бистата на Наце Буѓони.
Учениците рецитираа песни посветени на нивниот патрон, а во холот се емитуваше слајд шоу за училиштето.
Учествувавме на многу државни, општински натпревари, освоивме бројни награди почнувајќи од Берово, натпреварот за науката и техниката, Штип, државниот натпревар каде бевме прогласени за најдобро техничко училиште во државата по број на освоени први места. Тоа зборува многу за нас. Зборува и фактот што во јуни запишавме најголем број ученици. Имаме 1000 ученика на македонски, 1100 на албански јазик, а 255 се запишани во прва година - вели Лидија Михајловска, директор на “Наце Буѓони“.

Таа додава дека ова училиште создава кадри кои го наоѓаат своето место во стопанството.
Наце Буѓони е роден е во 1919 година во Куманово. На 11 октомври 1941 година станал дел од Карадачкиот одред. Загинал на 14 октомври истата година кај село Белановце во битка против многубројната бугарска окупаторска војска и полиција.