Три линии дневно сообраќаат до малите села
Локалната самоуправа и месните заедници го одредуваат возниот ред зависно од потребите и бројот на жители, а превозниците сами ја формираат цената на билетите.
Во општина Куманово селата Шупли Камен и Мургаш имаат само три линии дневно, а Уминдол е една од најфреквентните релации. Во 2007 година се направени законски измени со кои превозот се третира како јавна служба, а општините се обврзани да го регулираат општинскиот линиски превоз. Ова важи за населени места кои имаат над 100.000 жители. Порано превозници се бираа на секои четири години, а оние превозници кои лани ги добиле линиите ќе сообраќаат во наредните пет години.
Дадовме услови, баравме да задоволуваат еуро два стандарди за градските линии, а истото важеше и за село Уминдол. На огласот се јавија 11 компании од кои четири ги исполнуваат условите. Тие гледаат цените да бидат реални, но зависи и од цената на нафтата. Возните редови ги одобруваме и заверуваме. Не може до некое село денеска 15 пати да има автобус ако жители има малку. Сега преку лето некои линии ги укинуваат превозниците и тоа е економски оправдано - вели Славчо Јакимовски, референт за сообраќај во општина Куманово.
Тој објаснува дека досега поплаки од граѓаните немало во врска со превозот. Јакимовски додава дека превозниците сами инвестираат и нивна е одлуката дали ќе ја зголемат цената на билетите.
Се возиме често и со паланечки таксисти. Картата исто ја наплаќаат по 60 или 70 денари. Кај нас автобуси не возат, туку комбиња. Линиите не се многу, ама па и луѓе нема многу во селото - вели жител на село Облавце.
Во општина Старо Нагоричане до селото Дејловце дневно има по три линии, а и селото Никуљане е во слична состојба. Тие велат дека при составување на возниот ред се води сметка од едно до друго тргнување да има најмалку 20 минути разлика, за да не си ги земаат превозниците патниците еден на друг. Двете општини Старо Нагоричане и Куманово треба да потпишат спогодба за меѓуопштински сообраќај при што ќе се води сметка и за дозволите кои ги дало Министерството за транспорт и врски.