Мени

Ученици од Куманово најдобри во знаење за Европа

28.02.2012 14:47 | KumanovoNews

 Ученици од гимназијата „Сами Фрешери„ од Куманово освоиле прво место на натпреварувањето „Колку ја познаваш Европа„ што се одржало на Филозовскиот факултет во Скопје.

Ученици од Куманово најдобри во знаење за Европа

Во конкуренција на средношколци од 12 училишта во државата, кумановските гимназијалци покажале најдобри резултати. По тој повод градоначалникот организираше прием за учениците и нивните ментори, и им ја честиташе наградата.

Оваа награда значи многу, бидејќи потекнувате од ново училиште, но покажа дека наставниот и образовниот процес во нашиот град дава видни резултати. Тоа е и заложба на локалната самоуправа, и ние постојано зборуваме дека Општината ги следи европските трендови, а учениците со своето знаење први го покажаа тоа. Вашиот успех е гордост на овој град, бидејќи градот е мултиетнички и претставува Македонија во мало по својата демографска структура. Ова е успех за нашиот соживот и за нашиот образовен процес- рече градоначалникот Зоран Дамјановски.

 За директорот на гимназијата Хисен Рамани постигнатиот успех значи голем поттик на сите вработени во училиштето за постигнување нови реултати на сите полиња во образованието.

 Учениците Алабана Саити, Генц Халити и Илир Демири  се презадоволни од она што го постигнале, а за квизот се подготувале околу два месеци.

Прашањата се однесуваа за основањето на ЕУ, стопанскиот аспект на Европа и политиките кои ќе ги спроведува во иднина. Имаше  прашања поврзани со проширувањето на Европската унија, како примерот со Хрватска, а за Македонија беа споменати преговорите кои веќе се започнати-рече  Илир Демири.

Денешниот прием кај градоначалникот покажа дека етничките заедници во Куманово се почитуваат, и во пракса се применува мотото на Европа,„Соединети во различностите„, па не е случајно што токму од нашиот град е освоена наградата, беше заклучокот на сите кои денеска присуствуваа на приемот .

На натпреварувањето на тема "Знаејќи повеќе за Европската Унија, знаеме повеќе за нас" во финалето влегле и учениците од гимнзаијата „Гоце Делчев„ и „Перо Наков„ од Куманово.