Мени

Училиштата ќе останат без греење?

04.09.2012 12:18 | KumanovoNews

 Поради доцнењето на блок дотациите за образованието, постои опасност општинските училишта да останат без греење. 

Училиштата ќе останат без греење?

 Според градоначалникот Зоран Дамјановски само по основ на дотации, кои државата не ги уплатила минатат година,  Општината бележи минус од 500.000 евра.

Дамјановски објаснува дека во последните седум години иако цените на енергенсите растат, наменските дотации не се зголемени. Секоја година Општината од различни причини останува покуса за една блок дотација и мора да интервенира со пари од општинскиот буџет. Дамјановски како потпретседател на ЗЕЛС го истакнал овој проблем, но одговор не добил од министерот за финансии, Зоран Ставрески.

 Јас сатирично на министерот Ставрески му предложив две опции. Едната е, учебната година да почне во април и да заврши во ноември кога нема потреба од греење, а втората да земаат кредити.  Но, не добив одговор на прашањата. Нека излезе пред локалните самоуправи и нека каже дека ние ќе ги покриваме нивните дупки, бидејќи тие парите ги трошат во друг правец, а не за образование. Имаме сериозен проблем, не е само Куманово, туку и Скопје, Прилеп, Битола. Колку е погабаритна општината, има повеќе образовни установи, толку проблемот е поголем - рече Дамјановски.

Според Дамјановски ваквата состојба ако потрае ќе бидат доведени во прашање платите на 1800 наставници колку што има вработено во кумановските училишта.

И сопствениците на автобуси кои го вршат превозот на учениците се жалат дека сеуште не ги наплатиле побарувањата за мината учебна година.

 Ни должат близу 20 милиони денари. Најголем проблем е доцнењето. Сега ни исплаќаат пари за превозот од април. Не можеме да ги подмириме обврските кон вработените, фактури имаме за гориво, заглавени сме со кредити. Се жалевме до градоначалникот, тој крати каде што може за да ни помогне, ама не е до него, блок дотациите ги исплаќа државата - изјави Оливер Стефановски, сопственик на “Оли - травел“.

Градоначалникот Дамјановски потсети дека шест училишта се приклучени на гас, па ќе размислуваат за план Б за да не дојде до колапс на образованието со неподмирување на основните трошоци за транспорт и греење.