Училиштата должат 3,6 милиони денари за струја
Општината платила милион денари и овозможи исклучените училишта да добијат струја пред почетокот на учебната година.
Тоа е само првата рата, а вкупниот долг на сите училишта е 3.600.000 денари. На денешната седница на Советот на општина Куманово наменета за советнички прашања, претседателот на Советот Максим Димитриевски праша каква е состојбата со снабдувањето со електрична енергија во училиштата во Куманово.
На ова градоначалникот Зоран Дамјановски објасни дека дел од долгот е подмирен, училиштата имаат струја, но блок дотациите не се доволни за покривање на трошоците на училиштата.
Имаме 23 правни субјекти и над 34 објекти со подрачните училишта и блок дотациите само делумно ги покриваат трошоците за работење. Пазарната цена на енергенсите е покачена, а блок дотациите не се доволни да ги следат тие цени. Поточно говорам за гасот, транспортот на учениците и одржувањето на објектите. Ова не се случува во помалите општини, туку во Куманово, Тетово, Битола, Прилеп - изјави Дамјановски.
Тој смета дека во иднина блок дотациите мора да се зголемат и да се исплаќаат редовно за да не се јавуваат вакви проблеми. Моментално блок дотациите доцнат по месец и половина.