Мени

Училиштата преземаат мерки за заштита од жолтица

29.08.2014 10:37 | KumanovoNews

Почесто ќе се чистат тоалетите и учениците редовно ќе мијат раце за заштита од жолтица.

Училиштата преземаат мерки за заштита од жолтица

Средните и основни училишта во градот се подготвени за почетокот на новата учебна година, но истовремено преземаат и мерки за заштита од жолтица. Хигиената во училиштата ќе се подигне на едно повисоко ниво за да не дојде до појава и ширење на жолтица.

Направена е дезинфекција, дезинсекција и дератизација на училиштето и на сите шахти надвор. Ќе има организирано предавање за ученици за тоа како да се заштитат. Ќе се води евиденција и по секое одење во тоалет истиот ќе се чисти. Тоа се препораки од надлежните, ние добивме допис и ќе се придржуваме до овие мерки - вели Горан Димитријевиќ, директор на Гимназија “Гоце Делчев“.

Ос основното училиште “Христијан Карпош“ велат дека деновиве ќе привршат со работа на санитарните јазли, а во вторник ќе биде извршена дезинфекција во училиштето. Наставниците на првиот училишен ден ќе им укажат на учениците дека е важно да се одржува лична хигиена за да не дојде до појава на заразни болести.

Подготвени сме да ги дочекаме првачињата. Ќе имаме мала приредба, а  потоа учителките и класните раководители ќе ја насочат дискусијата за одржување на лична хигиена. Само да завршиме со санитарните јазли, и потоа се ќе биде полесно, ќе има крпи за децата - рече Лидија Костиќ, директорка на “Христијан Карпош“.

Од Институтот за јавно здравје препорачуваат дека исправната вода и личната хигена се пресудни за заштита од ширење на заразата, која дека може да се прошири на повеќе начини.

Главен пат на пренесување е фекално-оралниот пат на пренесување од човек на човек, односно директен контакт, кој се остварува преку раце контаминирани со фецес во кој се наоѓа вирусот. Инфекцијата се пренесува и со индиректен контакт преку контаминирани предмети за лична или општа употреба. Значаен пат на пренесување е водата, посебно во околности на лошо водоснабдување. Храната е најредок пат на пренесување, обично онаа која не е термички обработена или термички обработена храна која е секундарно контаминирана од оние кои ракуваат со храната.