Мени

Улицата „Ѓорче Петров„, како авионска писта

06.09.2012 12:35 | KumanovoNews

 Жителите на улицата “Ѓорче Петров„, каде што пред два дена се случи сообраќајната несреќа во која една жена го изгуби животот, бараат улицата да се обележи и да се постави сообраќајна сигнализација за во иднина да не се случуваат такви трагедии.

Улицата „Ѓорче Петров„, како авионска писта

Оваа улица е многу фреквентна, а нема никакви сообраќајни знаци за ограничување на брзината, ниту лежечки полицајци за да се успори движењето на возилата. По неа возат како да е авионска писта. Кога ќе забрзаат одозгора од кај Магаза мислиш ќе ja прелетаат улицата. А на дел од патот нема тротоар и многу е опасно да се движат луѓето. Бараме од Општината да ја исцрта улицата, да стави лежечки полицајци и да се доврши тротоарот за да не се повторуваат такви трагедии. И полицијата да преземе безбедносни мерки, нека пратат полициски радар па ќе видат колку брзо се вози, над 100 километри на час- велат револтирано граѓаните.

Тие се сеуште во шок од она што се случувало пред нивни очи.

Слушнавме многу силен удар и мислевме дека се удрија две коли. Кога излегов на тераса видов дека жена лежи на улицата, а до неа беше автомобилот. Во тоа време од него излегоа три момчиња и почнаа да бараат помош. Притрчаа до жената и се обидоа да и помогнат. Почнаа да и даваат вештачко дишење и да и ја креваат главата да ја освестат, ама безуспешно. Лицето и главата и беше облеано во крв. Веднаш викнавме брза помош, ама лекарите рекоа дека жената е мртва. Едно од момчињата плачеше на глас, се фаќаше за главата и се прашуваше што направило. Тоа изгледа беше возачот и не успеја да се смири ни додека траеше увидот. Потресна беше глетка, уште не можам да се соземеме- велат неколку жени, сведоци на несреќата.

Тие кажуваат дека жената, која живее во непосредна близина до нив, дента била во Скопје на лекар и се враќала дома со резултатите. Момчето, пак, вчера требало да замине во Германија каде што работело и попладнето седеле со другарите пред патувањето.

Страотната сообраќајка се случи завчера попладне а во неа загина Јаготка С.(66) од населбата Пуковско.