Мени

Униформите ќе се одомаќинат во средните училишта

26.05.2012 09:52 | KumanovoNews

 Пред четири години Гимназијата “Гоце Делчев“ прва воведе училишни униформи, но овој тренд полека го прифаќаат и останатите училишта.

Униформите ќе се одомаќинат во средните училишта

1160 ученици од кумановската Гимназија на училиште одат со тегет униформи со логото на нивното училиште. Униформите беа воведени на барање на родителите и учениците. Ефектот кој треба да се постигне е да не се чувствуваат социјални разлики и да има поголема контрола кој влегува и излегува од училиштето. Претходно во ова училиште учениците задолжително носеа беџови за идентификација.

Кај нас се што е ново на почеток тешко се прифаќа. Униформите ги нарачавме за да бидат сите деца еднакви и да не се мисли многу што ќе се облече за на училиште. Со децата од прва и втора година проблеми нема, но постарите ги носат маиците и дуксерите ама во ташна. Ние на тоа укажуваме, разговараме со родители, има некогаш и педагошки мерки. Па и во наше време беше така, се носеа црни униформи и без нив не не пуштаа во школо да влеземе - коментираат вработените од “Гоце Делчев“.

Со униформите се распознаваат децата кои учат во иста установа. Купувањето и одржувањето на униформите е обврска на родителите.

Колку што се сеќавам учебната 2008-2009 ни понудија да бираме повеќе модели на униформи. Идејата ни се допадна. Потоа некои од учениците беа разочарани од материјалот, но веќе беба купени униформите - вели Марко Георгиевски, матурант во Гимназија “Гоце Делчев“.

За средното техничко училиште униформите се готови, само уште да се извезе логото на училиштето. Директорката Лидија Михајловска објаснува дека оваа учебна година е при крај, па затоа униформите ќе почнат да ги користат од септември. Во “Наце Буѓони“ идејата за униформите ја дале од советот на родители.

Во средното еконосмко училиште во Куманово учениците сами побарале во иднина да се носат униформи.

ОУ“Браќа Миладиновци“ пред осум години беше меѓу првите во земјава кои почнаа да користат униформи, но по една година родителите се откажаа.

Не ја истеравме работата докрај. Таа реформа брзо згасна. Имаше отпор од родителите во смисла гардеробата на нивното дете нема да дојде до израз. Родителите беа пречка и не сакаа да ги обноват униформите - вели директорот Милорад Јордановски.

Наставниците од основните училишта го почитуваат она што е пропишано со закон, да носат мантили и беџови за идентификација.