Ваши писма: Добиточниот пазар треба да остане да работи во сабота
Во врска со иницијативата за враќање на среда за пазарен ден на сточниот пазар во с.Долно Којнаре, сакам како директор на ССОУ „Киро Бурназ„ да ја изразам својата загриженост и воедно да изнесам аргументи, заради кои оваа иницијатива не треба да се подржи.
Прво се загрозува безбедноста на учениците од ССОУ „Киро Бурназ„ и подрачното основно училиште „11 Октомври„. Сакам да потсетам на еден немил настан во кој настрада една наставничка вработена во ССОУ „Киро Бурназ„, која беше тешко повредена од исплашен коњ.
Во непосредна близина на пазарот учат и деца од прво до четврто одделение, кои до своите домови треба да се пробиваат низ „џунглата„ од возила и трактори паркирани насекаде околу патот Куманово -Табановце. Секој што бил барем еднаш на сточниот пазар знае за што точно зборувам.
Лично ме загрижува и како до училиштето ќе се овозможи непречен пристап на школските автобуси кои ги возат учениците до училиштето, на вработените, на родителите, но и на службата за Брза помош и Противпожарна заштита.
Како второ, од еколошки аспект би ја истакнал навиката на дел од купувачите, животните да ги колат и тоа најчесто во училишниот двор. Оваа примитивна навика која исто така некој можеби ќе ја нарече „традиционална„ може да биде причина за ширење на разни болести. Колку е хумана и пријатна глетка оставам на секој советник самиот да одлучи. Загадувањето што го прават големиот број на трактори и камиони е приказна за себе, а тука пред се мислам на патот што води до училиштето.
Трето, шпекулативните намери на граѓаните кои ја покренуваат оваа иницијатива и кои се засегнати и заинтересирани за враќање на пазарниот ден во среда, нема да придонесат за намалување на цените на добитокот, туку напротив ќе придонесат да се покачат, бидејќи традиционално кумановскиот пазар важи за еден од поевтините во Република Македонија. Интересно е што овие намери се главен аргумент на покренувачите на оваа иницијатива.
Би запрашал „Ако интересот се граѓаните кои треба да пазарат, тогаш кој ден за пазарење е подобар среда како работен или сабота како неработен ден?
Како последен аргумент би ја навел европската регулатива за оваа проблематика, која ваков тип на добиточни пазари не познава што значи дека во блиска иднина треба да се очекува укинување на ваквите пазари, а не нивно ширење.
Искрено се надевам дека градоначалникот и советниците во Советот на Општина Куманово, овие аргументи сериозно ќе ги земат во предвид и својата исправно донесена одлука за промена на пазарниот ден во сабота нема да ја променат.
Горан Јовановиќ
директор на ССОУ „Киро Бурназ„