ВМРО-ДПМНЕ: Ќе собираме потписи за преименување на плоштадот
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција најави дека ќе собира потписи за преименување на плоштадот Нова Југославија во плоштад Македонија.
За таа цел од среда потписи ќе се собираат на Градскиот плоштад.
За почеток како советничка група во Советот на град Куманово, ќе побараме точка на дневен ред на која ќе побараме името на плоштадот во најстрогиот центар на градот од досегашното Нова Југославија да се промени во плоштад Македонија. За оваа наша иницијатива ќе бараме поддршка од граѓаните преку собирање на потписи. Се надеваме дека конечно ова прашање ќе го подигнеме од мртва точка , а градоначалникот ќе мора да смисли поинаков одговор од вообичаеното “Нема пари“. Денеска покренуваме иницијатива за проблем чие решавање не бара финансиски средства, а сепак и по 25 години од осамостојувањето на Македонија, по 10 години градоначалствување на Зоран Дамјановски, на оваа тема не е направено ништо“ - изјави Драган Петковски, советник.
Петковски вели дека граѓаните ги погодува тоа што многу од нив не можат да си го остварат основното право, да добијат лични документи бидејќи многу приградски населби се водат како населби без уличен систем, или пак жителите на цели населби се водат на фиктивна адреса.