ВМРО-ДПМНЕ обвинува за местење тендери во училишниот превоз
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово тврди дека градоначалникот ги фаворизира неговите фирми спонзори за добивање на тендери за превоз на ученици.
Тие прашуваат во чиј џеб завршуваат милион евра годишно, пари кои се исплаќаат за превоз на ученици во Општина Куманово.
Фирмите кои ги добиваат тендерите конкурираат со едни возила, а откако ќе го добијат тендерот возат со несоодветни возила кои се несигурни и небезбедни. Превозниците профитираат двојно. Еднаш преку наплата од Министерството за образование и наука и втор пат преку наплата на билети на граѓани кои се возат, а не се ученици. Поради оваа пракса учениците се принудени да бараат друг превоз, при што мораат од свој џеб да си платат, иако им е гарантиран бесплатен превоз од државата - истакна Мирослав Стојановски, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Стојановски, ова недомаќинско однесување граѓаните ќе го казнат идната година на локалните избори.