Мени

Во кумановско има дваесетина жени фармерки

16.07.2012 08:28 | KumanovoNews

Дел од жените фармерки се регистрирани во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување како индивидуални земјоделци, а останатите имаат отворено фирми. Во кумановско има над дваесет жени кои примарно се занимаваат со земјоделска дејност.

Во кумановско има дваесетина жени фармерки

Државата нуди поволности за младите земјоделци, посебно за жени фармерки кои не наполниле 40 години. Најмногу жени фармерки има во селото Пчиња, во Тромаѓа има три, а другите се од Режановце, Љубодраг. Гордана Здравковска од Тромеѓа пред две години се регистрирала како индивидуален земјоделец. Таа одгледува 12 крави и обработува три хектари земја.

Произведувам сточна храна, одгледувам добиток, од млекото правиме сирење. Бидејќи сум жена фармерка добивам субвенции и плус 10 отсто поддршка од државата. Има попуст и за механизација , така што државата враќа 50 до 60 отсто од парите. Јас сум задоволна и им препорачувам на сите жени да го следат мојот пример. Имав претходно стаж ама само неколку години, така што сега со 1600 денари месечно уплаќам и придонеси.  Поволности има бидејќи сум жена. Мојот сопруг кога би се регистрирал не би било исто. Работа има доста, од утро до вечер, но може да се заработи за пристојна живеачка - вели Здравковска.

Таа преку Здружението на земјоделски производители од Куманово се информирала за целата процедура, како да стане индивидуален земјоделец. Здравковска одвојува време за да посетува едукативни семинари каде се собираат жени од цела Македонија и си разменуваат искуства.

Кога обврските ми дозволуваат одам на семинари. Не мора да се во Скопје, еве минатиот пат имаше обука во Тетово. Јас по наполнување на 40 години почнав со оваа работа, ама не бев скептична, напротив веднаш се заинтересирав. Јас можам да работам, а да не добијам плата, а вака е подобро бидејќи и онака имам услови, чувам многу грла крави. Ова треба меѓу жените да се популаризира - рече Здравковска.

Од петте земјоделски региони од Македонија земјоделци се собираат во октомври и најдобрите жени фармерки добиваат признанија. Лани оваа манифестација се оддржа во полошко, а годинава Куманово ќе биде домаќин. Четири години по ред најдобрите фармерки добиваат награди за да бидат мотивирани да продолжат со работа. За да влезат во потесниот избор овие жени мора да поседуваат земја и да се занимаваат со одгледување на стока или некоја земјоделска култура.