Во Никуљане украле крава од штала
Непознати сторители ноќеска украле крава од штала на семејството Јовчиќ во селото Никуљане. Крадците дошле по полноќ, додека домаќините спиеле и без никој да ги забележи одвеле една од трите крави.
Утрината сопственикот Благоја Јовчиќ видел дека е ограбен и случајот го пријавил во полиција.
Синоќа околу 22 часот, татко ми ги молзел и ги нахранил кравите не насетувајќи дека некој планира да ги украде. Во текот на ноќта не чуле ништо, бидејќи дувал силен ветер, а двата шарпланинца биле врзани до куќата. Утринава во 5.30 часот кога тргнал кон добитокот, забележал дека некој доаѓал во дворот, бидејќи било расфрлано пред влезот на шталата. Вистински шок доживејал кога видел дека најмладата и стелна крава ја нема со останатите-вели Дејан Јовчиќ, син на сопственикот.
Соседите околу 3 часот по полноќ слушнале како низ нивното маало поминал камион и автомобил, па претпоставуваат дека биле крадците. Полицијата изврши увид на лице место и работи на откривање на сторителите.
Семејството Јовчиќ кравите ги чувало исклучиво во штала, па затоа се сомнева дека крадците ги довел некој од нивното село.
Мештаните кажува дека пред неколку дена и во селото Ругинце од штала преку ноќ се украдени крава и бик. Наводно кравата била заколена во близина на селото, месото однесено а оставени биле само отпадоците, додека бикот им побегнал.
Во СВР Куманово тврдат дека таков случај нема пријавено кај нив. Од почетокот на месецот, освен ноќешната кражба, регистрирани се и кражби на 4 јариња и 50 гулаби, а околу Велигден биле украдени и повеќе јагниња. Од полицијата велат дека секогаш имало кражби на добиток, но дека состојбата не е алармантна.
Наспроти ова жителите на кумановските села се жалат дека постојано се цел на арамии кои крстарат по селата и пљачкосуваат што ќе стигнат. Во Општината Старо Нагоричене полициската станица функционира само преку ден, а ноќе населението е незаштитено.